Јуве ќе оди на ризик – Пирло е наследникот на Сари

Андреа Ањели го избрал новиот тренер на Јувентус по отказот што му беше врачен на Маурицио Сари, а изборот е големо изненадување – Андреа Пирло ќе добие шанса да работи со суперѕвездите на „старата дама“ иако нема тренерско искуство. Веднаш по отказот на Сари се шпекулираше со имињата на Покетино, Гвардиола и на Симоне Инзаги, за попладнево неколку водечки италијански фудбалски новинари да го повторат истото – Пирло ќе биде нов тренер на Јувентус, а официјализацијата се очекува во најскоро време.

Поранешниот фудбалски генијалец со успех го носеше дресот на Јувентус како играч, а откако ја заврши кариерата во МЛС-лигата во неколку ситуации неуспешно се обидуваше да најде тренерски ангажман. Челниците на Јувентус пред помалку од еден месец потпишаа со Пирло, кој требаше да биде предводник на У23-екипата на „старата дама“, но раната елиминација од ЛШ и отказот на Сари ги смени плановите на раководството.

Желбата на Ањели е јасна, да сврти нов лист со човек кој знае што значи да се биде дел од Јувентус, како што тоа го стори Барса со Пеп Гвардиола, а подоцна и Реал Мадрид со Зинедин Зидан. Сепак, двајцата претходно имаа работено барем со младинците во овие клубови, а Пирло се нафаќа со сериозен предизвик без никакво тренерско искуство. Ризикот е голем, а останува да се види дали поранешниот фудбалски „волшебник“ ќе успее да ги следи стапките на Пеп и на Зизу.

Се вчитува...