Јуве на преговори со Баерн – темата е Даглас Коста

Јувентус е на чекор до скудетото, ќе игра и две финалиња (во ЛШ и во Копа Италија), но раководството на италијанскиот првак веќе крои планови како да доведе засилувања со кои „црно-белите“ во иднина би делувале уште посилно. Една од желбите на тренерот Алегри е доведување на Даглас Коста, крилниот фудбалер на Баерн Минхен кој незадоволен од малата минутажа најави заминување од „Алијанц арена“ вот текот на летниот преоден рок.

Како што јавува весникот „Кориере дело спорт“, Бепе Марота и Фабио Паратичи во најскоро време ќе се сретнат со раководството на Баерн. Двата клуба имаат одлични односи, во последните две години соработуваа со позајмиците на Коман во Баерн и на Бенатија во Јувентус, па во таборот на „старата дама“ постои оптимизам дека ќе успеат да го договорат и доаѓањето на Бразилецот, кој значително ќе ја засили крилната позиција и ќе му даде на Алегри уште повеќе опции при составување на формациите.

Се очекува Баерн Минхен да бара околу 30 милиони евра за Даглас Коста, сума што не е никаков проблем за „старата дама“, но останува да се види дали Јуве ќе успее да го убеди самиот фудбалер на преселба во Италија, пред се поради огромната конкуренција во тимот и желбата на Коста во својот нов клуб да има улога на сигурен стартер.

Се вчитува...