Јуве пак се избламира, Интер на крајот втор, Наполи скапо ја плати победата…

Јувентус продолжи со слаби игри по осигурувањето на титулата, откако „старата дама“ вечерва во последното калчолигашко коло загуби на домашен терен од Рома со 1-3. Двајцата тренери експериментираа со составите одмарајќи ги дел од клучните фудбалери, но гостите од Рим многу подобро се снајдоа на теренот, создадоа повеќе шанси и на крајот заслужено триумфираа.

Интересно, Јуве прв поведе преку Игуаин, но тоа беше се што „црно-белите“ успеаја да сторат. Најпрвин Калиниќ израмни на 1-1, потоа Пероти од пенал ја доведе Рома во водство, а Пероти го постигна и третиот гол за гостинскиот тим, на самиот старт на второто полувреме по извонредната асистенција на Заниоло. Новото бледо издание на „старата дама“ дополнително го зголемува притисокот врз Маурицио Сари, кој е многу блиску до отказ иако ја продолжи шампионската серија на најтрофејниот италијански клуб.

Интер го освои второто место во Калчо-лигата сезонава по триумфот што „нероаѕурите“ го забележаа на гостувањето против Аталанта (0-2). Победникот беше решен во првото полувреме, кога дефанзивците Д’Амброзио и Јанг го матираа домашниот голман. Најважниот дел од задачата сепак го заврши одбраната на чело со Хандановиќ, запирајќи ја Аталанта да не ја затресе мрежата на Хандановиќ откако тимот од Бергамо постигна дури 98 погодоци во претходните 37 натпревари.

Наполи славеше над Лацио со 3-1, но скапо го плати овој триумф поради повредата што во самиот финиш ја заработи Лоренцо Инсиње. Капитенот на „наполитанците“ го постигна голот за 2-1 од пенал, но сега е крајно неизвесен за настап на реваншот против Барса што ќе се игра за седум дена на „Камп Ноу“. Елиф Елмас влезе во игра во 84. минута токму на местото на Инсиње,  а македонскиот интернационалец во самиот финиш влезе во жесток конфликт со Милинковиќ – Савиќ, за што и двајцата фудбалери заработија жолти картони. Конечните 3-1 во судиското продолжение ги постави Политано по одличната асистенција на Мертенс.

Милан рутински славеше над Калјари со 3-0 со головите на Клаван (автогол), Ибрахимовиќ и Кастилјехо, натпревар на кој Ибракадабра во полувреме не реализираше и пенал.

Се вчитува...