Јуве со „пакет-понуда“ за Заниоло

Јувентус се обидува да го искористи конфликтот што Николо Заниоло го има со тренерот на Рома за да го доведе новиот италијанскиот „бисер“ во своите редови, па „старата дама“ веќе подготви и богата понуда за овој одличен фудбалер. Заниоло играше одлично до повредата на коленото, а по камбекот на терените во неколку ситуации влезе во караница со тренерот Фонсека и со дел од соиграчите, поради што ги стопираше и преговорите за потпишување на нов договор со „волчицата“.

Претседателот Ањели на крие дека сака да го види Заниоло во дресот на Јувентус, а директорот Паратичи кове план како да ја убеди „волчицата“ на „бизнис“ во кој ќе биде вклучен италијанскиот суперталент. Информациите од Апенинскиот полуостров тврдат дека Јувентус ќе испрати двајца свои фудбалери во Рим, и тоа напаѓачот Бернардески и дефанзивецот Ромеро, кои според „црно-белите“ вкупно вредат 60 милиони евра (сумата на која Рома го има проценето Заниоло).

Рома бара нов дефанзивец бидејќи не може да го задржи Смолинг, а Ромеро би им завршил одлична работа на римјаните, додека Бернардески ќе биде освежување за навалната линија доколку потсети на игрите од Фиорентина, со оглед на фактот дека овој фудбалер има разочарувачки бројки во дресот на Јувентус.

На потег сега е раководството на Рома, кое ќе треба да реши дали да ја прифати понудата на Јувентус или да се обиде да го продаде Заниоло на клуб надвор од Италија.

Се вчитува...