Јувентус го именуваше Сканавино за нов извршен директор, Ањели со моќно обраќање на крајот

По силниот „земјотрес“ кој го зафати синоќа Јувентус со оставките на комплетното раководство како последица на истрагите околу аферата со прикривањето на реалната финансиска состојба на клубот, тимот од Торино за нов Извршен директор привремено го именуваше Маурицио Сканавино.

Претседателот Андреа Ањели, заедно со Павел Недвед и Маруицио Аривабене, но и сите членови на Бордот на директори, се повлекоа па сега Сканавино ќе го води клубот до Собранието на акционерите закажано за 23. јануари следната година.

Сканавино е телекомуникациски инженер без било какво искуство во светот на фудбалот, кој во минатото се занимавал со финансиски консалтинг, автоиндустрија и издаваштво, а важи за близок човек на Џон Елкан, роднина на Андреа Ањели, како и на починатиот Серџо Маркионе. Сканавино е избор на Елкан, кој пак ја извршува највисоката менаџерска позиција во компанијата која е сопственик на управувачкиот пакет акции на Ферари, Јувентус, автомобилскиот гигант Стелантис и издавачката групација ГЕДИ во која се вклучени весниците Ла Стампа, Ла Република и други регионални весници и магазини.

Повлекувањето од клубот по 12 години владеење, Андреа Ањели, пак, го заврши со моќно обраќање до целокупното семејство на „Старата дама“…

„Нашата историја и ДНК не навикнаат да победуваме. Од 2010 година ја почестивме нашата историја постигнувајќи извонредни резултати со изградба на нов стадион, девет титули во Серија А по ред, финале на Лигата на шампионите во Берлин и Кардиф (што е она за што најмногу жалиме), договорот со Адидас, првиот клуб што претставува тимови во извршната власт на УЕФА… Играњето за Јувентус, работењето за Јувентус носи само една цел – победа. Оние кои имаат привилегија да го носат дресот на ‘бјанконерите’ го знаат тоа. Оние кои работат во тимот знаат дека напорната работа го победува талентот, ако талентот не работи напорно. Јувентус е еден од најголемите клубови во светот и оние кои работат или играат тука, знаат дека резултатот се остварува само благодарение на напорите на целиот тим. Кога тимот беше обединет, од никого не се плашевме. Кога тимот не е обединет, тогаш тоа го отвора патот да ве повредат противниците и тоа може да биде фатално. Во тој момент, мора да бидете паметни за да ја намалите штетата. Се соочуваме со деликатен момент како клуб. Подобро да заминеме сите заедно давајќи можност за нов тим да направи пресврт. Нашата совест ќе биде нивен предизвик: Да се биде на ниво на историјата на Јувентус. Јас лично ќе продолжам да работам за изградба на подобар фудбал, секогаш пронаоѓајќи поткрепа во зборовите на Фридрих Ниче: ‘Оние што беа видени како танцуваат, беа третирани како луди од оние што не можеа да ја слушнат музиката’. Запомнете, секогаш ќе се препознаеме со поглед: Ние сме луѓе на Јуве! До крај“ – вели Ањели во своето обраќање до клубот и до навивачите на Јувентус.

Се вчитува...