Јувентус и Челси се ослободуваат од повеќе од 30 фудбалери!

Европските клубови ќе мора да се решат од голем број свои фудбалери поради новите правила што ги воведува Светската фудбалска федерација (ФИФА). ФИФА одлучи да воведе лимит на бројот на фудбалери што можат да настапуваат на позајмица. Оваа одлука ќе погоди многу клубови во Европа, посебно европските гиганти како Челси и Јувентус кои ќе мора да се откажат од договорите со десетици фудбалери.

Според новите правила на ФИФА кои стапуваат на сила од сезоната 2020/2021, бројот на позајмени фудбалери ќе биде ограничен на шест или осум, а два тима во текот на сезоната ќе може да имаат само два позајмени фудбалери меѓу себе.

Во наредните две години, Челси ќе мора да се реши од најмалку 30 фудбалери, а во слична позиција е и Манчестер Сити кој на позајмица во другите клубови има дури 28 играчи. Сепак, најголем рез треба да направи Аталанта. Благодарение на фактот што во Италија повеќе клубови може да имаат право на еден фудбалер, екипата од Бергамо на почетокот на сезоната имаше неверојатна бројка од 77 фудбалери под договор, кои настапуваат како позајмени играчи во други екипи.

И другите италијански клубови се соочени со истиот проблем. Така, Џенова има 43 играчи на позајмица, а шампионот Јувентус 40, па во Торино во наредните две сезони ќе мора да се решат од повеќе од 30 фудбалери.

Во Шпанија, најголем број на позајмени фудбалери има Реал Мадрид – 21.

Неповолна за клубовите е и одлуката на ФИФА да воведе лимит на бројот на позајмени играчи во еден клуб, што секако ќе биде проблем за фудбалските гиганти кои повеќе не ќе можат да носат голем број на млади играчи кои потоа ги испраѓаат на калење во други екипи.

Се вчитува...