„Јувентус ќе биде исфрлен во Серија Б, казната ќе биде пожестока и од Калчополи“

Јувентус нема да се спаси од сериозна казна поради скандалот со водење на двојно сметководство, тврди адвокатот Матија Грасани, специјалист за случаи поврзани со спорт во италијанските судови.

Тој смета дека „црно-белите“ се наоѓаат пред нов тотален колапс, а казната ќе биде уште поригорозна од онаа во „Калчополи“, кога клубот беше исфрлен во Калчо-лигата.

„Во Јувентус се надеваат на парична казна, но не верувам дека тоа ќе биде доволно. Ова е најсериозниот престап направен во историјата, посериозен и од оној во Калчополи скандалот. Истрагата откри серија нерегуларности за кои не постои преседан, затоа и очекувам казната да биде ригорозна. Ако обвиненијата бидат докажани, а не гледам како не би биле со оглед на собраната документација, поради фалсификување на документи мора да има тешка санкција: исфрлање од првенството, губење на скудетото, губење на бодови на стартот од наредната сезона… Искрено верувам во спортска правда и доколку луѓето во Јувентус го направиле она за што се тврди дека е сторено, мора да има жестока казна и истата да биде изречена веднаш, да важи од почетокот на сезоната 2023/24“, порачува експертот за спортско право, Грасани.

Според него, оставките на целото раководство на чело со Андреа Ањели се позитивен знак, но не се нешто што ќе ја тргне одговорноста од клубот.

„Се сеќавам дека постоеја слични оставки и во 2006 при Калчополи скандалот. Тоа е само доказ дека Ањели и соработниците сакаат да го изолираат проблемот, нивното заминување е добра работа бидејќи не постои опасност за повторување на престапот, но од друга страна извршен е корпоративен криминал, сериозен фалсификат за кој мора да следи и сериозна казна“, дециден е Матија Грасани.

Се вчитува...