Доаѓањето на нов тренер во Лајпциг не ја менува „судбината“ на Елиф Елмас, кој според сите најави повторно ќе биде ставен на трансфер-листата на германскиот клуб.
Наполи се реши да не ја активира клаузулата за откуп на неговиот договор со Лајпциг, но големи се шансите Елмас да се врати назад во Калчо-лигата, и тоа како член на Јувентус.
Лучијано Спалети останува на кормилото на „старата дама“, а токму искусниот стратег е голем фан на Елмас од времето минато заедно во Наполи, свесен дека нашиот ас може да помогне на нeколку различни позиции во тимот, секогаш подготвен да се стави во служба на колективот.
Преговорите се веќе почнати, а Лајпциг ја одредил и цената за Елиф – 15 милиони евра. Од Јувентус засега немаат испратено понуда, но се најавува дека формулата ќе биде слична на онаа на Наполи од минатото лето, неколку милиони евра за позајмица, со клаузула без задолжителен откуп.
Останува да се види како ќе течат преговорите, но нема сомнеж дека доколку овој трансфер се реализира, Елиф ќе стори се за да ги убеди челниците на Јуве да го задржат и по истекот на евентуалната позајмица.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
