Кадетите добија добра група во квалификациите за ЕП

Кадетската ракометна репрезентација има одлична можност да се пласира на ЕП 2024 во Црна Гора, откако доби добра група во денешната ждрепка за квалификациите за ова натпреварување.

Ривали на Македонија во овие квалификации ќе бидат Швајцарија, Словачка и Косово, а пласман на ЕП ќе обезбедат двете најдобри селекции во групата. Покрај тоа, Македонија како носител ќе има можност прва да аплицира да биде домаќин на квалификацискиот турнир, што дополнително би ги зголемило шансите за освојување на билет за ЕП.

ЕХФ донесе одлука за зголемување на бројот на учесници на европските младински шампионати, па на ЕП во Црна Гора ќе учествуваат вкупно 24 селекции. Покрај десетте репрезентации што ќе се пласираат преку квалификациите (пет групи, по две најдобри), виза за ЕП веќе имаат добиено домаќинот Црна Гора и тринаесет најдобри селекции според рангирањето на ЕХФ: Шпанија, Шведска, Германија, Хрватска, Данска, Исланд, Унгарија, Словенија, Португалија, Норвешка, Франција, Србија и репрезентацијата на Фарски Острови.

Се вчитува...