Кадетите против Израел атакуваат на 9. место на ЕП!

Машката кадетска ракометна репрезентација на Македонија денеска го игра својот последен натпревар на Европското првенство во Белград. Избраниците на селекторот Горан Кузманоски ќе се сретнат селекцијата на Израел, во директен дуел за освојување на 9. место на шампионатот.

Овој противник е добро познат за нашите млади ракометари. Имено, токму против Израел, Македонија играше во финалето на Светското училишно првенство во Скопје, каде „црвено-жолтите“ славеа убедливо со 38-32 и се закитија со златниот медал. Иако двата тима претрпеа одредени измени во составите оттогаш, триумфот од Скопје носи голем оптимизам во нашиот табор.

По почетните три порази во групната фаза, македонските надежи покажаа карактер и влегоа во фантастична серија од четири последователни победи. Со овој извонреден камбек, тие веќе ги исполнија клучните цели, обезбеден е пласман на Светското првенство во 2027 година, како и учество на следното Европско првенство во 2028 година.

Се вчитува...