Кадетите славеа на контролата со силната Хрватска

Кадетската репрезентација на Македонија забележа победа над соодветната селекција на Хрватска, и тоа на гостински терен на пријателскиот меч што беше одигран во Прелог (27-31).

Нашите млади ракометари се покажаа во одлично светло, во голем дел од мечот го контролираа резултатот и на крајот заслужено се радуваа на победата. Избраниците на селекторот Раде Стојановиќ одлично го почнаа мечот поведувајќи со 2-5, па иако домаќините успеаја да се вратат, Македонија сепак на одмор замина со предност од 12-13. Пресуден беше почетокот на второто полувреме, во кое Македонија со серија од 6-1 поведе со 21-16, остварувајќи позитива што знаеше како да ја задржи до самиот крај.

Калајџиоски со пет гола беше најефикасен во нашиот табор, а по четири погодоци постигнаа Узунчев, Митев и Петковски.

Овие натпревари се одлична подготовка за нашите млади ракометари за претстојниот кадетски мундијал што во месец август ќе се одржи во Хрватска, каде Македонија се наоѓа во група со селекциите на Норвешка, Црна Гора и со Грузија.

Се вчитува...