Кадетите супериорни: Втора победа на СП во училишен ракомет

Македонската репрезентација продолжува со одличните настапи на Светското првенство во училишен ракомет што се одржува во Скопје, каде нашите млади ракометари стигнаа до уште една импресивна победа, изразена со конечните 46-13 над врсниците од Грузија.

Противникот парираше само до 2-2, по што Македонија набрзина стигна до 19-2, безмилосно казнувајќи ги грешките на противникот. На одмор се замина со водство од 23-6, предност што дополнително беше зголемена до конечните „плус 33“. Селекторот Кузманоски им даде шанса на сите ракометари, кои за разлика од првиот дуел со Бугарија овојпат покажаа максимален фокус во текот на сите 60 минути, пристап што ја донесе оваа убедлива победа.

Симоновски ги предводеше стрелците со 16 гола, додека Георгиев го заврши натпреварот со десет погодоци.

Македонија утре за противник со почеток во 10.30 часот ќе ја има селекцијата на Република Српска, меч што ќе се игра во салата „Македонско Сонце“ во населбата Пролет.

Се вчитува...