Кадетите за малку до чудо против Словенија

Кадетската ракометна репрезентација на Македонија не успеа да се пласира во големото финале од силниот турнир во Бугојно, откако во полуфиналната пресметка претрпе минимален пораз од Словенија со резултат 26-25.

Селекторот Брестовац и неговите избраници имаат за што да жалат бидејќи Македонија одигра фуриозно во второто полувреме, кога „црвено-жолтите“ за малку чудесно ќе се вратеа по негатива од десет гола. Имено, Словенците имаа водство од 24-14 и помислија дека се е готово, но тогаш тргна македонската фурија и водството на противникот почна да се топи. Штета е што и при 26-25 Македонија имаше четири напади за да стигне до израмнување, но нашите млади ракометари не успеаја да погодат во клучните моменти и на крајот претрпеа минимален пораз.

Македонските кадети утре ќе играат во „малото финале“ од турнирот во Бугојно, против поразениот од вториот полуфинален меч меѓу Германија и Полска.

Се вчитува...