Кадетките го „торпедираа“ домаќинот Литванија, Македонија е на чекор до полуфинале на ЕХФ шампионатот

Македонската кадетска ракометна репрезентација оствари нова убедлива победа, по лекцијата над Косово, сега нашите ракометарки го „торпедираа“ домаќинот Литванија, остварувајќи победа од 15-28.

Со овој триумф Македонија се доближи на само чекор од полуфиналето на ЕХФ шампионат што се игра во Клаипеда. Избраничките на Љубомир Савевски отворија одлично со водство 1-4, а промашија и пенал за плус четири. Потоа следуваше еден пад во играта, Литванките поведоа со 5-4, но следуваше серија одбрани на голманката Јовановска, па голови на Ризоска и Младеновска за 5-11.

На сцена за момент насатпи домаќинот, кој за момент намали на 6-11, но повторно следуваше пад во играта, па Македонија ги казни сурово сите грешки и се одлепи на плус осум 6-14. На пауза се замина со резултат од 7-14 за Македонија.

На стартот на вториот дел, ракометарките на Македонија повторно достигнаа до највисоките плус осум, 7-15 по голот на Младеновска. Домаќинот не се откажуваше и успеа со серија погодоци и по наши грешки да се врати на минус пет, 11-16.

Сепак, нашите младинки искористија неколку грешки на ривалот и се одлепија на плус девет, 12-21, а кога на десетина минути до крајот беше 13-24 веќе беше јасно каков натпревар ќе гледаме до крајот. Само рутински беа одработени последните минути за конечна победа од 15-28.

Најдобри стрелци во македонскиот тим беа Ризоска со седум голови, како и Младеновска и Дукоска, со шест односно пет погодоци. Голманката Јовановска имаше 11 одбрани.

Следува ден пауза на ЕХФ шампионатот, а потоа и дуелите со Финска и Шпанија. Селекцијата на Шпанија е главен фаворит за титулата и досега нема пораз на три меча, додека Финска има две победи и еден пораз. Победа против скандинавките, Македонија ја носи во полуфиналето, без разлика на исходот од двобојот со Шпанија.

Се вчитува...