Кадетската репрезентација на Македонија ја забележи и втората победа на СП за ракометарки до 18 години што се одржува во Скопје, славејќи над селекцијата на Узбекистан со 39-30, за осигурување на место во главната фаза од овој шампионат.
По убедливиот триумф над Сенегал во првото коло се очекуваше сличен исход и на денешниот ден, но Узбекистанките изненадија со одлично издание во првото полувреме. Сепак, македонските ракометарки успеаја да се разбудат во вистински момент, во вториот дел кршејќи го целосно отпорот на противникот.
Мечот почна шокирачки за нашите репрезентативки, откако противничките со леснотија го реализираа секој напад, полнејќи је за кратко време мрежата на „црвено-жолтите“. Узбекистан поведе со убедливи 2-8, но по едно исклучување на противничка ракометарка Македонија набрзина влезе во ритам и со три гола во серија ја преполови негативата. Следеше уште извесен период во кој узбекистанските бекови со проектили ја решетаа мрежата на Македонија, но пред крајот на полувремето тие како да загубија сила. Македонските кадетки ги дочекаа своите пет минути, па со серија лесни реализации го свртеа резултатот во своја полза, на одмор заминувајќи со водство од 20-19.
Само пет минути игра во вториот дел беа доволни за Македонија да се одлепи, одбраната функционираше далеку подобро отколку во првото полувреме, додека во нападот лесно се создаваше чиста ситуација или се изнудуваше пенал, па во 35 минута резултатот гласеше 25-20 за нашиот национален состав. Остатокот од мечот беше рутина за избраничките на Савевски, кои одиграа онолку колку што им беше потребно за да го приведат натпреварот до крај, со конечни 39-30.
Најефикасна во македонскиот табор беше Бојана Коцева со девет гола, Емилијана Ризоска постигна осум гола, а шест погодоци запиша Марија Јанкуловска.
Македонија со оваа победа го осигура пласманот во главната рунда, каде исто така ќе бидат формирани групи. Нашите ракометарки утре се слободни, но затоа во вторник ги очекува дуелот со Иран, кој ќе даде одговор која од овие две селекции како првопласирана од групата ќе пренесе максимални бодови во главната фаза.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА