Кадетките запишаа најголема победа во историјата на македонската младинска кошарка: Триумф од +70 поени над Ерменија

Женската кадетска репрезентација на Македонија триумфираше со повеќе од убедливи 92-22 против Ерменија на ФИБА Челенџер-турнирот во Тбилиси, на тој начин запишувајќи ја најубедливата победа во историјата на македонската женска репрезентативна кошарка.

По ден предвиден за одмор, нашите млади кошаркарки славеа убедлива победа против Ерменија од дури 70 поени разлика. Тоа е и рекордната победа на една наша младинска репрезентација во европските натпреварувања.

И трет триумф по ред за избраничките на селекторот Никола Златев на „балонот“ во главниот град на Грузија. А токму селекцијата на домаќинот Грузија ќе биде нашиот следeн противник во натпреварот кој е закажан за сабота, од 17 часот.

На дуелот со нерамноправниот противник, уште во првиот период беше 17-2, што беше јасен показател за квалитетите на двете селекции. Најубедливи, кадетките беа во третата чевртина која ја реализираа во своја корист со 32-4.

Се вчитува...