За кошаркарите на МЗТ Скопје нема одмор, откако веднаш по завршниот турнир од Купот на Македонија ги очекува нов предизвик во АБА-лигата. Македонскиот првак остана без трофејот во Купот, но сега ќе се обиде да го остави разочарувањето зад себе и со триумф на гостувањето против ФМП (20 часот) да направи уште еден огромен чекор напред кон обезбедување на опстанокот во регионалното натпреварување. Тренерот Анте Назор се соочува со сериозни проблеми откако Ван Остром и Синовец отпаднаа од комбинација поради повреди, а неизвесен е и настапот на Шарлон Клоф.
„Треба што е можно побрзо да ја заборавиме елиминацијата од Купот на Македонија, која тешко ни падна и да се свртиме кон обврските во АБА-лигата. Пред нас е отворен меч против ФМП, незгодна екипа во која многу работи зависат од Човиќ. Мора да го спречиме нивниот скок во напад и транзицијата, а истовремено и да извршиме силен притисок по целиот терен. Ривалот има одлични кошаркари, покрај Човиќ тука се и Болден и Остин, со кого тимот доби многу во битката под кошевите. Како и да е, ние ќе ја бараме нашата шанса за победа, до која можеме да стигнеме само со трпелив напад и агресивна одбрана“ – истакна тренерот Назор.
Американецот Џош Скот беше еден од најразочараните по неуспехот со Фени индустри, „кикс“ што ќе треба што поскоро да се преброди пред гостувањето во Белград.
„Пресметката со ФМП доаѓа во исклучително тежок момент, по непреспаните ноќи по поразот во полуфиналето од Купот на Македонија. Немаме многу време за анализа, треба се да заборавиме и да се вратиме во ритамот кој ни донесе три победи по ред во АБА-лигата“ – изјави Скот.
Во првиот круг од оваа натпреварувачка сезона МЗТ Скопје лесно и убедливо го совлада тимот на ФМП со 89-68.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА