Во најновата епизода на спортскиот подкаст „ПРЕСИНГ“ на ЕКИПА.МК, гостуваа претседателот на Ракометната федерација на Македонија, Александар Стефанов како и едно од најголемите имиња во историјата на македонскиот ракомет Филип Миркуловски.
Иконата на Металург, Филип Миркуловски, меѓу бројните теми се потсети и на годината кога се распадна еден од најголемите спортски проекти во нашата историја – РК МЕТАЛУРГ.
Миркуловски вели дека секогаш му е тешко кога зборува на таа тема, затоа што распадот дојде во година кога Металург, со феноменалниот тим кој го имаше можеше да дојде и до Ф4 во Лигата на шампионите, како прва екипа која тогаш би успеала во тоа!
„Tешко ми е кога зборуваме на оваа тема, и покрај тоа што поминаа 12-13 години. Во таа приказна јас мислам дека сите си сносат свој дел од вината. И управа, и газди, и играчи, и тренер. Тоа беше еден сплет на околности што се случи во краток период, посебно и за мене, затоа што јас Металург го сакав и бев подготвен и да играм и за помалку пари, но сепак се случи тоа што се случи“ – вели Миркуловск и дополнува:
„Бевме на чекор до Фајнал-фор. Феноменална екипа, Манасков, Ојлевски, Мојсоски, Атман, Борозан, Миркуловски, Циндриќ, Вугринец, Липовина, Георгиевски, Ѓукиќ, Марсениќ, Димовски…, Станиќ на гол. Дел од нив потоа освоија со Вардар и Лига шампиони. Таа екипа мислам, ајде да не кажам загарантирано Фајнал Фор, но сигурно четвртфинале ќе игравме, како и претходните две години што игравме. Токму таа година, кога се случи распадот, ќе беше година на Металург по мое видување, а исто така и Вардар беше екстра јак таа година, значи ќе имавме едно дерби досега на ранг на Бундеслигата, Кил – Фленсбург. Се случи тоа што се случи, распадот, кој е крив, некој помалку, некој повеќе, дали играчите, дали тренерот, дали управата. Сепак, секој си сноси свој дел во таа, во таа приказна, како виновник“.
Според Миркуловски, финансиите секако се главната причина за распадот…
„Па финансиите беа пресудни, секако. Доколку имаше финансии, ќе беше се како што треба. И тука, дали Червар не застана позади нас, дали газдата Минчо Јорданов не застана позади играчите, исто така. Тоа беше еден маѓепсан круг што и мене не ми е јасно 100%, да кажам тоа и тоа се случи, тој е тој е виновникот – 100%. Како што кажав, има повеќе виновници, од сите страни, и играчи, и тренер, и управа, и газда. И неизбежна беше таа ситуација да се распадне Металург. ЗА ЖАЛ!“ – вели Миркуловски во спортскиот подкаст „ПРЕСИНГ“.
ЗАСЛЕДЕТЕ ГО НАШИОТ ЈУТЈУБ КАНАЛ
==================================================
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
