КАКО НА ЦРНОГОРЦИТЕ ИМ ГО „УКРАДОВМЕ“ МЕКЕЈЛЕБ: „Врба фаќаше врски, Министерката Јанкуловска многу помогна, Црногорците сакаа да ме стават во ‘вреќа’…“

Во најновата епизода на спортскиот подкаст „ПРЕСИНГ“ на ЕКИПА.МК, гости двајца актери од македонската кошарка, од оние златни години на овој спорт кога дојдовме и до четвртото место во Европа, тогашниот директор на КФМ, Илија Мерџановски како и еден од најдобрите кошаркари во македонската историја, Тодор Гечевски.

Меѓу бројните теми, Мерџановски ја раскажа и прикизната како им го „украдивме“ Лестер Бо Мекејлеб пред нос на Црногорците, кој потоа беше една од нашите клучни алки во онаа златна генерација која дојде до 4. место на Европското првенство 2011 во Литванија.

Тогаш, раскажува Мерџановски, од неговите пријатели од Црна Гора дознал дека сакаат да го натурализираат Мекејлеб, па сето тоа го споделил со директорот на националниот тим Врбица Стефанов кој фаќал врски во Монтепаски Сиена. Тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, за два дена издала пасош за Мекејлеб, на крај Црногорците не можеле да се помират…

„Врбица Стефанов беше вклучен во сè. Ние бевме на Златибор на подготовки. Дуле Вујошевиќ, покоен, беше селектор на Црна Гора, па не викнаа да играме пријателски натпревар на Златибор. Таа година Бо Мекејлеб играше во Партизан а Дуле му беше тренер, и тие веќе во Собрание на Црна Гора имаа поднесена иницијатива за да му дадат пасош. Јас тоа го слушнав од двајцата мои добри пријатели Веско Баровиќ, кој беше претседател на сојузот на Црна Гора, и Данило Митровиќ, генерален секретар на Кошаркарскиот сојуз на Црна Гора. Го гледавме Бо како игра во Партизан, а се зборуваше дека треба да оди во Монтепаски Сиена, па Врба тогаш почна да брка врски, бидејќи и самиот играше во Сиена… Стапи во контакт со Лука Бјанки, како и со претседателот на Монтепаски, кој ни вети дека се согласува ние да му дадеме пасош да игра како натурализиран играч во Сиена. И рекоа добро“ – открива Мерџановски во „ПРЕСИНГ“ и дополнува:

„ Ама сега беше трка со времето. Тоа да се направи побрзо од Црногорците… Ние во тој момент отидовме да ја молиме тогашната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, да ни даде пасош. Состанокот ни го среди Ивица Коневски, тогашен градоначалник на Аеродром… Министерката не прашуваше дали Бо е добар. Викаме добро играше, па како да и објаснам дали е добар. Е, ама ни треба за два дена да го добиеме пасошот. Веднаш се согласи, итаа има голема заслуга што извадивме за два дена пасош, значи на Влада се брзо помина. Затоа кога се враќавме од Литванија, ако ви текнува, јас инсистирав Јанкуловска да биде во автобусот заедно со играчите од аеродром до Скопје. Кошаркарите не го знаеа тоа“.

А, што се однесува до пријателите од Црна Гора…

„Пријателите од Црна Гора, овие Данило и Веско Баровиќ не само што се налутија туку ми порачаа дека ќе ме ‘стават во вреќа’. Прогуглај малку Веско Баровиќ…, го викаат, иначе (В)ескобар, и ќе ти биде се јасно. Како не се налутија, им го украдовме пред нос“ – низ смеа раскажува Мерџановски.

==================================================
ЦЕЛИОТ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ“ СО ТОДОР ГЕЧЕВСКИ И ИЛИЈА МЕРЏАНОВСКИ МОЖЕ ДА ГО ГЛЕДАТЕ ТУКА….
==================================================

Се вчитува...