Каков „кикс“ на Донарума, Милан се „лизна“ со Пескара

Милан загуби значајни два бода во трката за излез во фудбалска Европа откако „росонерите“ попладнево ремизираа 1-1 на гостувањето против Пескара. Иако против себе го имаа еден од најслабите клубови во Серија А, фудбалерите на Милан не успеаја да ја оправдаат фаворитската улога, играјќи далеку под своите можности. Згора на тоа, трагичар беше голманот Донарума, кој прими почетнички погодок по само 12 минути игра кога дозволи една повратна топка да му мине крај ногата, директно во мрежата. Милан по примениот гол целосно се отвори, преку Пашалиќ стигна до израмнување, а најубавата шанса за победа ја пропушти Ромањоли, кој биеше само во дирекот од голот на Пескара.

За Палермо веќе нема надеж за опстанок во Серија А откако сицилијанскиот клуб загуби на домашен терен од Калјари со 1-3. Несторовски и Трајковски се појавија во стартниот тим на сицилијанскиот состав, но не успеаја да сторат нешто повеќе, Палермо по првиот дел имаше водство од 1-0, за потоа во вторите 45 минути да прими три гола и да претрпи нов пораз.

Бабакар му донесе триумф на тимот на Фиорентина на мечот со Болоња, додека Аталанта на гостински терен ја растури Џенова со 0-5, меч на кој Горан Пандев не влезе во игра за домашната екипа.

Резултати Италија: 

Торино – Удинезе 2-2, Палермо – Калјари 1-3, Џенова – Аталанта 0-5, Киево – Кротоне 1-2, Фирентина – Болоња 1-0, Пескара – Милан 1-1.

All & Goals & Highlights – Pescara 1-1 Milan… by footballvideostv1
Khouma Babacar Goal HD – Fiorentina 1-0 Bologna… by Jek09Pre

Се вчитува...