Каков луд меч: Адетокумбо и Слукас трагичари, Грција шокирана од Бразил

Бразил приреди огромно изненадување откако по голема битка славеше над селекцијата на Грција со резултат 79-78. Јужниот сосед по убедливиот триумф над Црна Гора влезе со преголема самодоверба во денешната пресметка со „кариоките“, но Бразилците изненадија со одлична игра. Јанис Адетокумбо беше трагичар на грчкиот национален тим, промашувајќи зицер за израмнување на пет секунди до крајот.

Мечот мина во израмнета битка и тактичко надмудрување, при што избраниците на Ацо Петровиќ беа многу подобри во последната четвртина, контролирајќи го резултатот. Бразил првата шанса да стигне до победата ја пропушти на една минута до крајот, кога „кариоките“ имаа напад и предност од пет поени, но Луз реагираше почетнички, губејќи ја топката и веднаш потоа правејќи неспортска лична грешка. Грција експресно казни и израмни на 76-76 со тројката на Принтезис, но по тајмаутот на Петровиќ бразилскиот состав повторно поведе со поените на Андерсон Варежао на асистенција на одличниот Леандро Барбоса.

Грците имаа одлична шанса за израмнување, но Адетокумбо на пет секунди до крајот навидум лесниот цепелин не успеа да го смести низ обрачот, по што ја направи петтата лична грешка. Барбоса имаше шанса да стави печат, но погоди едно од двете слободни фрлања (79-76), пред Лузада да го направи најглупавиот потег во досегашнио тек од Мундобаскет 2019, правејќи лична грешка над Слукас при шут за тројка на грчката половина од теренот. Тоа сепак остана неказнето бидејќи Слукас ги погоди првите две, но не и третото слободно фрлање, за конечни 79-78 на овој супердраматичен натпревар.

Маркињос со 15 поени беше најефикасен во бразилскиот тим, Варежао постигна 13, додека кај Грција прв стрелец беше Принтезис со 20 поени. Бразил со оваа победа си го обезбеди пласманот во следната рунда, додека Грција за место меѓу 16-те најдобри селекции ќе треба во последното коло да го победи Нов Зеланд.

Се вчитува...