Каква шлаканица за Обрван и Хрватска: „Коцкестите“ спасуваа реми против Сенегал, ракометарка со хиџаб постигна десет гола

Сенегал го приреди најголемото изненадување од стартот на женскиот ракометен Мундијал откако оваа африканска селекција ремизираше 22-22 против селекцијата на Сенегал. Поранешниот македонски селектор Ивица Обрван имаше катастрофално мундијалско деби на клупата на „коцкестите“, немоќно следејќи како неговите избранички играат без енергија наспроти мотивираните Сенегалки, кои од почеток до крај го контролираа резултатот и заслужија цел плен, но на крајот мораа да се задоволат само со еден бод.

Хрватска се врати од „минус четири“ на десет минути до крајот, израмни на 21-21 и имаше напад за водство, но не го реализираше. Сенегал погоди за 21-22, Хрватска израмни преку Јежиќ, по што африканската селекција го имаше последниот напад за победа, но „коцкестите“ се одбранија и овој меч заврши без победник.

Во главна улога беше сенегалската репрезентативка Дунгу Камара, која настапува со хиџаб на главата и целосно доминираше на денешниот дуел. Камара настапи на трите бековски позиции, покажа исклучителни шутерски способности и со десната, но и со левата рака, на крајот завршувајќи го натпреварот со десет постигнати погодоци, но не успеа да го реализира последниот шут.

Останатите фаворити немаа проблем на денешните дуели, Романија го демолираше Чиле со 44-19, Бразил беше подобар од Казахстан со 46-15, додека Јужна Кореја го доби дуелот со Гренланд со резултат 26-15.

Се вчитува...