Каква шлаканица за Партизан: Пораз дома од Напредак за губење на врвот на табелата

Партизан викендов успеа да остане непоразен на гостувањето против Црвена Звезда и да се задржи на врвот на табелата, но „црно-белите“ само четири дена подоцна одиграа катастрофален меч губејќи на домашен терен од Напредак Крушевац со 0-1, исход кој речиси сигурно ќе значи и губење на првото место на табелата.

Избраниците на Дуљај одиграа потпросечен меч во кој не ги искористија создадените шанси. На спротивната страна, беа казнети во 33. минута кога одбраната реагираше многу слабо, Мајдевац имаше и повеќе од доволно време на работ на петерецот да ја исконтролира топката, а потоа и да шутира и да го најде патот до мрежата. Очекувано, Партизан тргна во офанзива во вториот дел, но изостанаа стопроцентни шанси, а добро организираната гостинска екипа успеа да одолее на притисокот до самиот крај и да ги освои трите бода на ова исклучително тешко гостување.

Партизан се уште има бод повеќе во однос на вечниот ривал, но Црвена Звезда вечерва е голем фаворит во својот меч од оваа рунда против Раднички Ниш, каде „црвено-белите“ со триумф би избиле на врвот со два бода предност во однос на големиот противник.

Се вчитува...