Каменица Саса, поради казната, гостин на четири меча по ред на стартот од вториот дел, промовирани тројца нови фудбалери (ФОТО)

Поради казната од два натпревари неиграње како домаќин поради инцидентот на мечот со ФК Скопје, Каменица Саса ќе мора да бара терен каде ќе ги игра натпреварите со Кожуф и Брегалница на стартот на вториот дел од првенството на Втората лига. Како што е познато на средбата со Скопје, еден неодговорен гледач  физички  нападна гостински фудбалер кога при замена го напушташе теренот и мечот беше прекинат во 77. минута. По овој тежок инцидент реагираше Дисциплинската комисија на ФФМ која ја казни Каменица Саса со 1.000 евра и два натпревари неиграње на домашен терен.

Навивачите од Македонска Каменица ќе можат да ги видат своите фудбалери дури во петтото коло од продолжението на првенството на мечот со Македонија ЃП. Пред тоа како домаќини ќе бидат гости на Кожуф и Брегалница и редовни гости на Детонит Плачковица и Борец.

„Место да размислуваме на подотовките за новата сезона и ангажирање нови играчи,  принудени сме да бараме терен каде ќе ги играме средбите со Кожуф и Брегалница и да се изложуваме на финансиски трошоци“ – ни изјави претседателот  на клубот Дејан Митревски, притоа дополнувајќи:

„Во опција се терените во Куманово, Струмица и Турново. За среќа имаме 24 бода, на табелата сме на петтото место, далеку од дното на табелата и засега, не верувам дека поради овие четири последователни гостувања ќе се најдеме да размислуваме за нашиот пласман до крајот  на првенството.“

И покрај овие проблеми, играчите на Каменица Саса под раководсто на тренерот Сашо Велиновски се подготвуваат од 15 јануари за пролетниот старт, веќе одиграа и три контролни средби, со Осогово (1-0), со Слога Виница (0-0) и Башкими (0-0). Се барааат уште два противника.

Клубот се засили со голманот Лазе Гичев од Осогово, а од Охрид дојдоа Давид Голубов и Стефан Коловски. Си заминаа единствено Александар Смилков во Детонит и Филип Николовски во Слога од Виница.

М.М.

Се вчитува...