Каменица: Спортинг е фаворит, но Пелистер не ја дава лесно кожата!

Ракометарите на Пелистер и двата натпревари од осминафиналето во Челинџ купот против Спортинг ќе ги играат на гостински терен во Лисабон. Пелистерци во четврток навечер заминуваат за Португалија, во сабота се формално домаќини на првиот меч, а во недела ќе го одиграат реваншот. Од економски но, и од практични причини поради реновирањето на салата „Младост“, двојното гостување за битолчани беше поприфатливо решение.

„Спортинг ни ги покрива сите трошоци за патот, престојот во Лисабон и организацијата на двата натпревари. Нашата сала се реновира и ќе биде готова кон средината на март, така што ако бевме овде домаќини ќе требаше да играме во некоја друга сала низ Македонија, а тоа не би имало некој посебен ефект. Знаеме дека нашите навивачи би сакале да го гледаат овој дуел со Спортинг, но дојдовме во таква ситуација што за нас најдобро и најекономично решение беше да ги играме двата натпревари во гости“ – вели тренерот на Пелистер, Касим Каменица.

vogosca - pelister 8

Пелистер сезонава влезе непланирано во Челинџ купот, откако Охрид го откажа настапот. Предводени од искусниот стратег на клупата, пелистерци направија своевидно изненадување во претходната фаза во која ја елиминираа Вогошча. Пласман во осминафиналето од Челинџ купот Пелистер обезбеди со победата од 28-25 во реваншот на гости во БиХ, со која ја анулира негативата од првиот меч во Битола (21-23).

Каменица најави дека пелистерци се максимално мотивирано и дека „скапо ќе ја продадат кожата“ и на гостувањето во Лисабон, иако Спортинг важи за фаворит во овој осминафинален двомеч во Челинџ купот.

vogosca - pelister 7

Спортинг е фаворит во овој дуел, а според мене фаворит е и за освојување на Челинџ купот. Но, ние нема лесно да ја „продадеме кожата“, и доколку ни се пружи и најмала шанса ќе гледаме да ја искористими.Физички и тактички сме добро подготвени, имавме добри подготовки и одигравме четири контролни натпревари. Задоволен сум од формата на играчите. Имаме екипа која добро трча и може да поднесе да одигра квалитетно два меча во два дена. Влегуваме максимално мотивирано во овој дуел. Колку ќе биде тоа доволно против Спортинг, во овој момент е сепак, тешко да се каже. Од она што можевме да го видиме од видео матријалите, Спортинг не е некоја брза екипа, но имаат добри, искусни играчи како Јанко Божовиќ, Михал Копчо, сега и Карлос Руесга“ –истакнува Касим Каменица.

На дуелот со Спортинг, Пелистер ќе настапи во комплетен состав. Во тимот единствено недостасува десниот бек Ивица Лазаревски кој паузира по операцијата на лигаментите на коленото. Како замена за повредениот Лазаревски, на полусезоната во Пелистер од Вардар дојде црногорскиот бек, Ристо Вујачиќ.

Се вчитува...