Кансело: Да нема ВАР во квалификации, тоа е аматеризам од УЕФА

Португалскиот фудбалер Жоао Кансело смета дека судијата Симон Марчинак го оштети неговиот тим во мечот од 2. коло во квалификациите за пласман на Европското првенство 2020 година против Србија. Дуелот на Луж заврши без победник 1-1, а недосудениот пенал за избраниците на Фернандо Сантош подигна многу прашина.

„Судијата ја исмеа нашата тешка работа. Бевме супериорни, Србија се бранеше цел натпревар. Да нема ВАР во оваа фаза, тоа е аматеризам од УЕФА“, изјави Кансело. 

Фернандо Сантош и Кристијано Роналдо по натпреварот истакнаа дека судијата Марчинак признал дека погрешил што го поништил пеналот. Португалија по две кола е трета во групата Б со два освоена бода, а пак Србија е четврта со еден бод, но и натпревар помалку. Лидер е Украина со четири бода, а Луксембург има еден бод помалку.

Се вчитува...