Лина Ѓорческа испиша историја со самиот пласман на главниот турнир на Вимблдон, а најдобрата македонска тенисерка го заврши настапот уште во првото коло, со пораз од 0-2 во сетови од ланската финалистка Анисимова од САД. Лина настапи на овој турнир како највозрасна дебитантка на Вимблдон оваа година, давајќи се од себе за во најдобро светло да се претстави на најголемата сцена.
Без огед на конечниот резултат, Лина одигра извонреден меч во кој беше храбра, се обидуваше да се надигрува со противничката, која сепак беше поумешна во клучните моменти и ја оправда фаворитската улога.
Првиот сет беше израмнет до 1-1, но Ѓорческа имаше проблеми со сервисот, а Анисимова го искористи тоа за да поведе со 4-1 и на крај да го добие сетот со 6-3.
Лина прва сервираше во вториот сет и водеше со 1-0, но Анисимова исто како и во првиот сет, повторно стигна до брејк при вториот сервис-гејм на Ѓорческа. Првиот сервис остана голем проблем за Македонката, противничката знаеше како да го искористи тоа, да стигне до нов брејк и на крајот да слави со конечните 6-3, 6-2.
Без оглед на поразот, Ѓорческа се покажа во одлично светло и мора да биде горда на се што оствари на најсилниот тениски турнир во изминатите денови, како во квалификациите, така и на денешниот меч со шестата носителка.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
