Капело: Ќе биде трагедија ако Италија не оди на Светското првенство

Легендарниот италијански стратег Фабио Капело ги борди „аѕурите“ пред вечерашниот реванш меч од баражот за СП против Шведска и се надева дека Италијанците ќе успеат да ја надоместат негативата (0-1) од првиот дуел. Како и сите Италијанци, и тој вели дека би била трагедија ако нивната репрезентација не се пласира на мундијалот.

„Би била трагедија ако не се пласираме на Светското првенство. Не можам дури ни да се сетам кога последен пат не сме играле (1958), тогаш сум имал 12 години. Ние сме познати по нашата одбрана, но не можеш во денешниот фудбал да се потпреш само на тоа. Мораш да ја проучиш добро и противничката репрезентација“, вели Фабио Капело.

Тој во својата кариера ги водеше репрезентациите на Англија и на Русија, а моментно работи во Кина, во тимот на Џиагсу Сунинг.

„Завршив со репрезентациите. Сега мислам дека Карло Анчелоти е во вистинските години за да остави еден траен белег и со репрезентацијата на Италија. Му недостига еден ваков повик, за да ја комплетира својата одлична тренерска кариера“, вели Капело, за можноста Анчелоти да биде наследникот на Џампјеро Вентура на клупата на Италија.

„Аѕурите“ вечерва во Милано го играат пресудниот меч за пласман на СП против селекцијата на Шведска.

 

Се вчитува...