Капитенот на Берн најави крај на кариерата пред дуелот со Еурофарм Работник

Капитенот на БСВ Берн, Томас Хер, најави крај на ракометната кариера. Хер ја игра последната сезона во дресот на швајцарскиот тим кој во сабота во Битола му гостува на Еурофарм Работник во првиот натпревар од втората квалификациска рунда во ЕХФ Купот.

Специјалистот за одбрана во швајцарскиот тим кој ја носи и капитенската лента, деновиве официјално го известил раководството на клубот за својата одлука. Хер се надева дека ќе има успешна последна сезона со Берн и ќе заврши со ракометот во врвна форма.

Поранешниот швајцарски репрезентативец освен што игра ракомет, работи и во банкарството и сака во иднина да се фокусира на професионалната кариера во оваа професија.

„Среќен сум и благодарен што ја завршувам мојата ракометна кариера сега кога сум на врвот и во добра форма. Верувам дека во иднина ќе можам целосно да се фокусирам на новите предизвици“ – изјави Том Хер за официјалниот сајт на Берн.

По саботниот меч во Битола, Еурофарм Работник и Берн на 24 ноември во Швацарија ќе го одиграат реваншот. Овој двомеч е последниот филтер за пласман во групната фаза од ЕХФ Купот.

Се вчитува...