Капитулација на Голден Стејт, рекордна ноќ за Хјустон

Јута џез ги изненади кошаркарите на Голден Стејт вориорс, славејќи со 108-103 и нанесувајќи му го на актуелниот шампион вкупно 11. пораз сезонава. „Џезерите“ одиграа максимално ангажирано, не дозволија „воините“ во ниту еден момент посериозно да се одлепат, а потоа во драматична завршница стигнаа до победата. Рики Рубио шутираше 0/8 од поле, но одигра клучна улога во одбраната против Стеф Кари, изнудувајќи изгубена топка на две секунди до крајот, при резултат 106-103. Инглес беше најефикасен кај Јута ссо 20 поени, Гобер оствари дабл-дабл од 17 поени и 15 скокови, додека прв стрелец на Голден Стејт при синоќешниот пораз беше Кари со 32, пред Дурант со 30 поени.

Хјустон славеше против Вашингтон со 136-118, меч што ќе остане запаметен по рекордниот број на погодени тројки на „ракетите“, вкупно 26 (од 55 обиди). Харден погоди шест тројки и го заврши мечот со 35 поени, пет пати прецизен беше Крис Пол, а по четири пати реализираа Грин и Гордон, за Хјустон да го урне рекордот на Кливленд кавалирс од 25 погодени тројки на дуелот со Атланта на 3 март 2017 година.

Извонреден офанзивен настап имаше и тимот на Оклахома сити, кој рутински славеше на гостувањето во Сакраменто со 113-132. Пол Џорџ беше незапирлив со 43 поени и 12 скокови, Вестбрук стигна до нов трипл-дабл (19 поени, 17 асистенции и 11 скокови), додека Адамс оствари импресивен дабл-дабл од 20 поени и 23 скокови.

Торонто се врати од негатива од 17 поени и триумфираше над Индијана со 99-96, а за одбележување е и победата на Бруклин во Чикаго од 93-96, што е седма победа во низа за „мрежичките“, нивна најдолга победничка серија во последните пет години.

Резултати НБА: 

Шарлот – Кливленд 110-99, Орландо – Сан Антонио 90-129, Филаделфија – Њујорк 131-109, Бостон – Феникс 103-111, Торонто – Индијана 99-96, Чикаго – Бруклин 93-96, Хјустон – Вашингтон 136-118, Милвоки – Њу Орлеанс 123-115, Минесота – Детроит 123-129 (по прод.), Јута – Голден Стејт 108-103, Портланд – Мемфис 99-92, Сакраменто – Оклахома сити 113-132.

Се вчитува...