Карачиќ уште две години во Вардар

Тимот на Вардар и во следните две сезони ќе го има во своите редови средниот бек Игор Карачиќ, откако клубот и хрватскиот репрезентативец договорија продолжување на соработката. Тој со новиот договор треба да остане во Вардар најмалку до јуни 2019 година.

Карачиќ дојде во Вардар уште во 2012 година и е еден од играчите што е најдолго во тимот и дел од најголемите клупски успеси, трите титули во СЕХА лигата и четирите настапи во четвртфиналето на ЛШ и првото учество на Ф4 турнирот во ЛШ. Како дел од Вардар во сезоната 2012/2013 беше избран во Ол-стар тимот на СЕХА лигата.

Сезонава постигна 51 гол за Вардар на натпреварите од Лигата на шампионите. Најмногу на дуелот со Кјелце во Скопје кога „црвено-црните” триумфираа со 40-34. Поради болест го немаше на првиот четвртфинален дуел со Фленсбург, а на реваншот во Скопје постигна три гола.

„Задржувањето на тимот што ги постигна најголемите успеси на клубот е приоритет на Вардар и ќе сториме сѐ да ги имаме истите играчи што успеаја да стигнат меѓу најдобрите четири во Европа. Игор Карачиќ е еден од најпрепознатливите играчи на Вардар, и миленик на публиката. Заедно со Игор секоја сезона одиме чекор напред и верувам дека и во следниот период ќе имаме шанса за заедничка радост“ – вели Давор Стојаноски, извршниот директор на Вардар.

Се вчитува...