ЕКИПА во Фрибург, Швајцарија
Стеван Цаневски
Димитар Караџовски како еден од најискусните во македонската репрезентација е свесен дека денешниот противник никако не смее да се потцени. Тој очекува Швајцарците да инсистираат на брза игра, но и смета дека Македонија поседува доволно квалитет и искуство за да го намали темпото и да стигне до триумф во Фрибург.
„Противникот го познаваме, игравме против него и го победивме, но тоа не значи ништо доколку и денеска не одиграме на највисоко ниво. Швајцарија е селекција што инсистира на брза кошарка, тешко се снаоѓа во позиционен напад, па затоа настојува да завршува брзо од контранапади или полуконтри. Тие се „физикалци“, а ние сме повеќе „тактичари“, знаеме како да го диктираме темпото, да играме на бавен напад и да создадеме позиција за чист шут. Верувам дека квалитетот е на наша страна и дека тоа ќе го потврдиме и денеска на теренот“ – истакнува Димитар Караџовски.
Со успехот во овој претквалификациски циклус и дефинитивно ќе биде ставен крај на „слободниот пад“ на нашата репрезентативна кошарка.
„За жал, неуспехот во претходниот циклус придонесе да се најдеме при самото дно, но по овие квалификации одиме чекор напред. Ова е репрезентација што подолго време игра заедно и сигурно има квалитет за подобри резултати од она што го прикажавме досега, против поквалитетни противници од овие“ – оптимист е Караџовски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА