Караско ја губи војната со Симеоне, во јануари си оди од Атлетико

Јаник Караско е на добар пат во јануарскиот преоден рок да си замине од Атлетико Мадрид, откако крилниот офанзивец целосно го загуби првотимскиот статус во новата натпреварувачка сезона. Тој одигра цели 90 минути на само две средби, во првите две кола од Примера дивизион сезонава, по што или беше прерано заменуван, или како во последно време натпреварите ги следеше од клупата за резерви.

Како што јавуваат шпанските медиуми, причина за ваквата промена на статусот на Белгиецот е неговиот конфликт со тренерот Диего Симеоне, кој јасно му ставил до знаење на Караско дека нема да толерира недисциплина. Имено, овој фудбалер уште во текот на подготовките се скарал со соиграчите Коке и Габи, како и со фитнес-тренерот Оскар Ортега, по што бил гласно критикуван од страна на Симеоне. Страстите во меѓувреме не биле смирени, па тренерот на Атлетико решил Караско да го пресели на клупата за резерви.

Трансфер-забраната за Атлетико Мадрид истекува на крајот од годинава, па веќе на 1 јануари овој клуб ќе може да ги регистрира веќе договорените засилувања, Диего Коста и Витоло, што само по себе ќе значи и заминување на Караско. За очекување е „јорганџиите“ да бараат 50 милиони евра за Белгиецот, сума што се подготвени да ја платат премиерлигашите Челси и Арсенал, кои и во текот на минатото лето се интересираа за овој фудбалер.

Се вчитува...