Каратистот Емил Павлов ќе се бори за злато на ЕП во Нови Сад

Македонскиот каратист Емил Павлов има одличен настап на 53. Европското првенство кое се одржува во Нови Сад. Иако конкуренцијата е најсилна досега, со пријавени 532 спортисти од рекордни 52 земји, Македонија редовно има големи успеси во каратето. Емил Павлов се пласираше во финалето во борби, во категорија до 61 килограми, и в сабота ќе се бори за златен медал против Анџело Крешенцо од Италија.

Павлов во првото коло го победи Доминик Имриг од Словачка, во второто беше подобар од Јасин Ал Атар од Холандија. Четвртфинална пречка му беше Црногорецот Ненад Друловиќ, а во полуфиналето ја доби и борбата против Калвис Калнинс од Летонија со 5-2 на поени.

В сабота, Павлов ќе има шанса да освои и златен медал за Македонија, во финалниот дуел против Анџело Крешенцо од Италија.

Ангела Мојсовска, пак, ќе се бори за бронзениот медал во категоријата до 68 килограми.

Мојсов­ска нанижа три победи против Ема Греч (Малта), Викторија Исаева (Русија) и Дарија Орзечовска (Полска), но во полуфиналето загуби од репрезентативката на Азербејџан, Ирина Заретска.

Утре на програмата се екипните натпревари во борби и кати.

Се вчитува...