Кари влезе во ритам, Јокиќ до нов трипл-дабл..

Стеф Кари влезе во својот препознатлив ритам и го предводеше Голден Стејт до нова победа, забележана на гостувањето во Атланта со убедливи 111-128. Два дена по разочарувачкиот пораз од Детроит, „воините“ заличија на актуелни шампиони, доминирајќи на теренот и заслужено радувајќи се на новиот триумф. Во главна улога беше Кари, кој погоди шест тројки од десет обиди и го заврши мечот со 30 поени. Воедно, одличниот бек ги разигра и соиграчите, па Дурант постигна 28, а Томпсон 27 поени, премногу расположени играчи во таборот на актуелниот првак за Атланта да може да се надева на изненадување.

Денвер забележа огромна победа на гостувањето против Торонто од 103-106, натпревар што мина во знакот на Никола Јокиќ. Српскиот центар беше незапирлив за „рептилите“, стигнувајќи до трипл-дабл од 23 поени, 11 скокови и 15 асистенции, а помош во нападот доби од Џамал Мареј, кој реализираше 21 поен.

Хјустон претрпе уште еден пораз, овојпат на гостувањето против Минесота со убедливи 103-91. Клучно беше очајното второ полувреме на „ракетите“, во кое домашниот тим беше подобар за 26 поени разлика (55-29), па негативата од 14 поени од паузата ја претвори во своја двоцифрена победа. Таунс со 24 поени беше прв стрелец на Минесота, додека Харден постигна 29 поени во таборот на гостите.

Резултати НБА:

Детроит – Оклахома сити 83-110, Атланта – Голден Стејт 111-128, Бруклин – Кливленд 97-99, Њујорк – Вашингтон 107-110, Торонто – Денвер 103-106, Минесота – Хјустон 103-91, Њу Орлеанс – ЛА клиперс 126-129.

Се вчитува...