Карпош освоен – Црвена звезда покажа зошто е шампион

Серијата од осум победи по ред на домашен терен во АБА-лигата на Карпош соколи беше прекината вечерва, откако македонскиот прволигаш капитулираше пред налетот на Црвена звезда, губејќи со убедливи 61-98. „Соколите“ одиграа само пет минути на посакуваното ниво, за во остатокот од средбата белградските „црвено-бели“ да покажат зошто се актуелни шампиони во регионалното натпреварување, па пред се благодарение на фанатичната борбеност во одбраната да стигнат до нова убедлива победа.

Натпреварот почна одличниот за македонскиот прволигаш, кој ги погоди првите четири обиди за тројка, па благодарение на цврстата одбрана набрзина стигна и до двоцифрена предност од 18-8. Сепак, на таа серија набрзо и дојде крајот, Радоњиќ зеде тајмаут, а по минутата одмор „црвено-белите“ заиграа шампионски и експресно ја истопија предноста на „соколите“. Стефан Јовиќ со блокада и украдена топка од Дарко Соколов експресно ја разбуди гранитната одбрана на српскиот првак, која функционираше беспрекорно до крајот на полувремето. Првата четвртина заврши со минимална предност на Карпош соколи од 24-23, но македонскиот тим потоа неполни четири минути беше без поени, пред Трајковски да постигне нова тројка. Сепак, македонскиот репрезентативец набрзина стигна до три лични грешки, а по неговото повлекување од игра „соколите“ уште повеќе загубија на ритам. Одличниот состав на Црвена звезда знаеше како да го искористи тоа и набрзина стигна до одлична предност, па на одмор замина со убедливи 37-49.

sokoli zvezda sokolov

Ниската петорка на „црвено-белите“ со Симоновиќ како „четворка“ им создаваше огромни проблеми на кошаркарите на Карпош соколи, пред се поради агресивноста во одбраната на актуелниот шампион. „Соколите“ немаа одговор, па предноста до крајот на третиот период се искачи на 21 поен (49-70). Мора да се истакне дека Црвена звезда до оваа предност стигна и покрај очајниот шут од далечина, па српскиот шампион првата тројка ја постигна дури во 28. минута од средбата (1/11 по првите три четвртини).

Гостите влегоа во ритам во последниот период, погодувајќи дури шест тројки во низа, со кои ја одржуваа убедливата предност, принудувајќи го Николиќ на тајмаут. На крајот, резултатот на семафорот гласеше 61-98, сосема заслужена победа на актуелниот шампион, кој уште еднаш ја потврди својата доминација во однос на поголемиот дел од клубовите во регионот.

Лабовиќ со 20 и Трајковски со 18 поени беа единствените двајца кошаркари што им се спротивставија на „црвено-белите“. Сите кошаркари на Црвена звезда кои влегоа во игра се запишаа меѓу стрелците, а најефикасни беа Митровиќ со 15 и Кузмиќ со 14 поени, двајцата со под 20 минути игра.

Пред Карпош соколи претстојниот викенд е нов предизвик – завршниот турнир во Купот на Македонија, каде лани оваа екипа стигна до големото финале. Потоа, во рамките од 24. коло „соколите“ на 24 февруари ќе гостуваат во Загреб на големиот фаворит Цедевита.

Се вчитува...