Каталонците го освоија Мадрид: Првпат во историјата два пати во годината! (ВИДЕО)

Барселона на најдобар можен начин ја заокружува 2017 година со триумф од 0-3 против големиот ривал Реал Мадрид во 265-то „Ел Класико“, овој пат на „Сантијаго Бернабеу“ во Мадрид.

Меси и компанија крупно чекорат кон титулата во Примера сезонава, сето тоа убаво најавувајќи го со големата победа во 17. коло, па сега со 45 бода се на цели 14 бода предност во однос на „кралевите“ кои имаат и натпревар помалку.

А, ништо по првото полувреме не навестуваше дека Каталонците ќе го освојат Мадрид, по вторпат оваа година што е за првпат во историјата на големите дерби дуели.

По првите 45 минути на „Сантијаго Бернабеу“ беше без голови, иако „кралевите“ имаа неколку можности за гол. Уште во 2. минута Роналдо постигна гол, кој беше сосема оправдано поништен поради офсајд…

По само десеттина минути Португалецот прописно се посрамоти, промашувајќи ја топката од идеална позиција кај пеналтикот.

Паулињо во 30. минута ја имаше единствената посериозна шанса за Барселона, но не успеа да реализира. А, Реал Мадрид конечно пропушти можност да дојде до гол во 42. минута кога Бензема по ударот со глава го погоди само левиот дирек од голот на каталонскиот тим…

Реал Мадрид имаше повеќе од играта во првото полувреме на „Ел Класико“, но Барселона во сосема поразлично издание на почетокот од вториот дел многу брзо дојде до водство во Мадрид од 0-1.

Во 54. минута Луис Суарез го замолкна „Сантијаго Бернабеу“ по одличната „тика-така“ акција во каталонскиот стил, Ракитиќ – Меси – Суарез…

А, за само 10 минути тотален распад на Реал Мадрид на „Сантијаго Бернабеу“… Во 64. минута Лионел Меси од пенал донесе предност за Барселона и од 0-2, откако претходно Карвахал намерно играше со рака во својот шеснаесетник за што заработи и директен црвен картон…

На пеналот му претходеше и одлична шанса за гол во која Суарез го погоди левиот дирек од голот на мадриѓаните…

Точка на големата победа за Барселона стави Видал со голот во 93. минута од натпреварот!

Се вчитува...