КАТАПУЛТ: Шшшшшш….. Тивко, полека, не го деконцентрирајте селекторот

Катапулт

Катерина Павлова Николовска

Многу лесно збунлив ни е новиот селектор, од еден текст за него се деконцентрираше и го загуби натпреварот. Кажете му на почетокот на мандатот, да се навежба малку на текстови, секакви. Оти треба квалификации да минува, на европски и светски да оди. Нека си се навикне, оти тешко нас.

Така многу чувствителен, со новата гарда ракометари кој ќе оди против Исланд. И да, со младите од реконструкцијата во репрезентација и со новиот концепт белки ќе има подобри резултати отколку со Металург сезонава.

Дека Македонец демек, па си доби и достојна хотелска промоција, оти Раул сосе семејството ги прескокнуваше кутиите во РФМ.

Данило па колку ли ќе се деконцентрира ако му е бура во најава како на „кумот“. Оти тргна пролетната офанзива на ФФМ.

Ако си помисливте дека ќе видиме уште едни избори со леснопредвидлив епилог, сте се излажале. Кривичната за Илчо треба да е најава за налетот кој треба да заврши со ЖИВОТ и во најбогатата федерација.

И апсолутно е разбирливо да има „војна“ за ФФМ, само да се отвори фронтот на две седмици пред историски долго презакажуваното Изборно собрание делува како стихија без сигурен концепт кој може да предизвика лавина.

А државата колку му мисли добро на фудбалот видовме по критериумите за ваучери што ги стокми.

Директорите на МЗТ и на РК Вардар да ги пишуваа критериумите за рангирање по кои ќе се добиваат ваучерите за спонзорирање, ќе имаа малку повеќе усул од предлагачот за систематизацијата која е понудена како законско решение. Од ракометниот Вардар барем веројатно ќе имаа малку усул за постариот фудбалски брат.

Критериумите се тешко достапни, тајни се речиси колку „Преспанскиот“ пред потпишувањето.

Агенцијата за млади и спорт ги оправи ваучерите, сега ќе го решава фудбалот па после ќе може мирно да се посвети на промоцијата на жените во спортот. Или обратно беше…

П.С.Не знам дали знаете ама Радовиш немаше избор на најдобар спортист на градот за 2018 година. Спортистите и спортските колективи од градот ја бојкотираа најавената манифестација, која нели норманло беше и откажана, затоа што градските советници не гласале за одобрување финансиски сретства за помош на спортот. Е до таму сме во СЕВЕРНА во 2019 година.

Се вчитува...