Ќатип Османи: Нема вистина дека ја преземам Шкендија

Еден од најтрофејните македонски тренери, Ќатип Османи ги негира информациите дека ја презема клупата на тетовска Шкендија.

Османи, по се поизвесното згаснување на Ренова, се очекуваше по четврти пат да ја преземе клупата на Шкендија, но досегашниот стратег на „гипсарите“ ги негира шпекулациите истакнувајќи дека нема никаков контакт со раководството на црвено-црните.

„Нема вистина во информациите дека ја преземам клупата на Шкендија. Искрено, не знам од каде таа вест. Може само да кажам дека никој од Шкендија не контактираше со мене на таа тема“ – вели Османи, кој како и поголемиот дел од домашната фудбалска јавност е во очекување на официјалниот став на ФК Ренова по информациите дека следната сезона нема да се натпреварува во Првата македонска фудбалска лига.

Шкендија, пак, во моментов е на подготовки во Словенија каде деновиве се очекува и најновото засилување, поранешниот македонски репрезентативец, офанзивецот Влатко Стојановски, кој во својата кариера настапуваше и за Ренова пред реализацијата на трансферот во Франција.

Се вчитува...