КБК Шампион – убедливо најдобриот кик-бокс колектив во Македонија (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Кик-бокс клубот Шампион е убедливо најдобриот кик-бокс колектив во Македонија, потврдено и со резултатскиот ефект на Првото национално првенство кое во организација на Кикбокс маитаи федерацијата на Македонија се одржа во Скопје.

КБК Шампион настапи со 33 натпреварувачи, дел од нив со настап и во две дисциплини во К1, Лоу-кик и Кик-лајт, притоа со освоени 20 златни, 8 сребрени и пет бронзени медали. Со вкупно 33 медали, КБК Шампион е убедливо најдобриот клуб на првенството. Сето тоа на задоволство и на тренерот на КБК Шампион, Дејан Митровски – Урко.

„Навистина сум задоволен од резултатот на Првото национално првенство оваа година во кик-бокс. Задоволен од ефектот на моите шампиони од КБК Шампион. Со мојот помошник тренер Александар Стевковски исклучително внимание низ работата посветуваме на самодовербата на нашите натпреварувачи, покрај се разбира на максималната работа на техниката, тактиката и кондициската подготвеност. Додека кик-боксерот е во рингот најважна е координацијата меѓу натпреварувачот и тренерот, нешто што во нашиот клуб е на највисоко ниво. Тоа е клучниот момент и за големиот број победи и медали“ – вели Митровски и дополнува:

„На изминатиов шампионат од оправдани причини не учествуваа Бобан Илиовски и Викторија Варадинова. Илиовски е на подготовки надвор од земјава а Викторија беше спречена да настапи поради лични обврски. И најдобрата јуниорка не можеше да настапи во финалната борба во кик-лајт поради повреда на коленото“.

Со стартот на натпреварувачката сезона, во тек се и уписите за нови членови на КБК Шампион од каде информираат дека нивниот клуб нуди можност и за индивидуални приватни тренинзи, за што сите заинтересирани може да контактираат преку е-маил: magnuscentar@yahoo.com.

 

Се вчитува...