Откако изгледаа недопирливи две третини од сезоната, Мекларен денеска повторно беа поразени. Победата на Големата награда во Формула 1 на САД, ја однесе четирикратниот шампион Макс Верстапен.
Холанѓанецот покажа сува доминација од првиот до последниот круг во Остин и стигна до нова, многу важна 68-ма победа. Макс беше импресивен овој викенд, донекаде неверојатно со оглед на тоа низ што помина австрискиот тим оваа сезона.
Ландо Норис ја помина целта како второпласиран, кој се бореше со Леклерк во текот на целата трка. Користејќи алтернативна тактика, возачот од Монако успеа да се пробие и да остане пред Ландо Норис во голем дел од трката. Сепак, четири круга пред крајот, Норис се проби пред Леклерк и стигна до важна втора позиција.
Луис Хамилтон ја помина целта четврти, а со резултатот на Леклер – ова може да се нарече најдобриот тимски резултат на Ферари оваа сезона. Петти, шест секунди зад Британецот, заврши лидерот во шампионатот Оскар Пјастри. Џорџ Расел заврши шести, а Јуки Цунода ја заврши трката зад него. Поени освоија и Нико Хулкенберг, Оливер Берман и Фернандо Алонсо.
Австралиецот сигурно не може да биде задоволен од викендот во кој Макс Верстапен сега сигурно се вклучи во борбата за титулата.
По оваа трка, Холанѓанецот заостанува само 40 поени. Кога станува збор за Норис, тој сега е 14 поени зад Пјастри и се чини дека нè очекува вистинско уживање на крајот од сезоната.
Единствениот возач кој не ја заврши трката беше Карлос Саинц. Шпанецот се откажа веднаш на стартот по контактот со Антонели.
Остануваат уште пет трки до крајот на сезоната, а следната е веќе следниот викенд во Мексико.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

