Ќе има ли казна од УЕФА за Турците поради „воениот поздрав“ при прославата на голот?

Кан Ајхан постигна гол во 82.минута за израмнување (1-1) против светскиот првак Франција, а потоа сите турски фудбаери застанаа во став мирно и со „воен поздрав“ отпоздравија кон фановите на трибините. Оваа прослава на голот може да биде карактеризирана и како повик за насилство, а Турција да биде казнета од УЕФА.

Турските фудбалери всушност дадоа поддршка за турскиот напад на курдските територии во Сирија, а тоа дефинитивно нема да помине незабележано од органите на Европската куќа на фудбалот. Претходно, Турците на идентичен начин го прославија и победничкиот гол над Албанија на натпреварот одигран пред неколку дена.

„Доколку биде оценето како провокација, а УЕФА секако има регулатива за казни против политички и религиозни пораки, тогаш може да следува и соодветна реакција. Секако ќе биде разгледана оваа ситуација“, изјави претставникот на УЕФА, Филип Таунсенд.

Со ремито 1-1, Франција и Турција се на добар пат да обезбедат пласман на ЕП 2020 преку групата Х од квалификацискиот циклус.

Се вчитува...