Ќе следи ли истрага за Катар 2022?

Светската фудбалска асоцијација ќе треба да спроведе независна истрага околу најновите обвинувања за организацискиот тим на Светското првенство во Катар во 2022 година велат познавачите на оваа проблематика. Катар повторно се соочува со обвинувања за регуларноста на добивањето на организацијата на Мундијалот откако беа објавени тврдења дека екипата задолжена за апликацијата имала тајна кампања за саботирање на конкуренцијата.

Сепак позицијата на ФИФА е крајно незавидна во моментов со оглед дека ако почне истрага би можела да добие тужби затоа што веќе подготовките за шампионатот се почнати и потрошени се милијарди евра.

Она што е симптоматично за дел од аналитичарите е моментот на протекување на спорниот документ. Дел од познавачите пласираат теорија дека претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, кој е иницијатор на идејата за Светско првенство со 48 репрезентации би можел да го искористи моментот. Катар е во дипломатска војна со дел од соседите па раководството на ФИФА би можело да изврши притисок Катарците да се согласат на делба на домаќинството токму со соседните држави што би овозможило проширување на бројот на земјите учеснички.

Катар кој секако беше изненадување кога ја доби организацијата на Светското првенство повторно е дел од скандал откако кандидатурата на оваа земја беше дел од големата корупциска криза во ФИФА. Сепак, организацискиот комитет беше ослободен од криминалните обвиненија за потплатување високи функционери во Асоцијацијата за да гласаат во корист на Катар.

 

Се вчитува...