Ќе треба многу поцврст блок за да се сопрат Турците

ЕКИПА во Љубљана, 

Катерина Павлова Николовска, Никола Ѓуровски

Турција е вториот противник на одбојкарската репрезентација на Македонија на Европското првенство. По поразот од Финска на дебито (3-1) избраниците на селекторот Никола Матијашевиќ ќе се обидат да остварат нешто повеќе против турската селекција. Но, и тоа, според прикажаниот квалитет во првата рунда, нема да биде воопшто лесна мисија.

„Македонија е нефаворит на сите мечеви, го знаевме тоа уште пред самото доаѓање на ЕП 2019. Но, ќе се обидеме да изненадиме, а тоа го можеме само доколку ги сведеме грешките на минимум и го подобриме блокот, сервисот, приемот“, анализира селекторот Матијашевиќ.

Средниот блокер Ристо Николов одигра квалитетно против Финците, но, сепак, тимскиот ефект не беше на потребното ниво.

„Секогаш сме во функција на тимот. Можеби одиграв добро индивидуално, но, сепак, Македонија загуби. Ќе треба да го надминеме првиот пораз, да го заборавиме и да одиме понатаму. Не очекува тежок натпревар против Турците. Ќе мора да изградиме поцврст блок, да се обидеме ја разбиеме нивната игра. Ослабени се, без најдобриот одбојкар, но и покрај тоа се фаворити“, истакнува Ристо Николов.

За Турција ова е десетто учество на европските првенства. Тие се победници на Европската Златна лига откако во финалето ја совладаа Белорусија.

Се вчитува...