Кејн одлучи: Си оди од Тотенхем ако не влезе во ЛШ

Хари Кејн го загубил трпението со управата на Тотенхем, па веќе им порачал на клупските директори дека е решен да си замине од клубот доколку „спарси“ не успеат да се пласираат во Лигата на Шампионите. Тотенхем пред две сезони играше во финалето од ЛШ каде што загуби од Ливерпул, но оттогаш формата на тимот се движи во надолна линија.

Покетино доби отказ, но Мурињо не само што не успеа да ја разбуди екипата, туку и дополнително ја влоши атмосферата критикувајќи ги фудбалерите за непоседување на победнички карактер. На Кејн дефинитивно му пукнал филмот, па како што информираат англиските медиуми, капитенот побарал состанок со управата на кој јасно ставил до знаење дека нема намера да остане доколку треба повторно да игра во Лигата на Европа наместо во елитното европско натпреварување.

Доколку Кејн реши да си замине, фаворит во трката за негов ангажман ќе биде Манчестер Сити. Јасно е дека Пеп Гвардиола бара голгетер што ќе ја предводи навалната линија по заминувањето на Серхио Агуеро, а „граѓаните“ можат да си дозволат и да платат отштета од 100 милиони фунти, сума што според најавите ќе биде доволна за да се купи Кејн од Тотенхем.

Се вчитува...