„Кенгурите“ ја прескокнаа и Франција

Австралија ја продолжи победничката серија на СП 2019 и на денешниот дуел со Франција, на кој „кенгурите“ триумфираа со 100-98. Овој триумф им го носи на Австралијците првото место во групата и најверојатно избегнување на САД се до големото финале (доколку Американците слават во својот денешен меч со Бразил).

И двете селекции влегуваа во мини-серии во текот на првото полувреме, Австралија поведе со „плус шест“ (9-15), за Франција сепак да ја добие стартната четвртина со 24-23. „Триколорите“ имаа водство од пет поени во втората четвртина (40-35), но „кенгурите“ експресно вратија и на одмор се замина со израмнети 46-46. Први до посериозна предност стигнаа француските кошаркари, кои во третиот период поведоа со 70-61, но Австралијците со неколку реализирани напади во низа експресно се вратија.

Пети Милс и Инглс добија помош од Арон Бејнс, па „кенгурите“ негативата од четири поени (77-73) ја претворија во предност од плус пет (80-85). Во супердраматичната завршница Австралија двапати стигнуваше до предност во последната минута (96-94 и 98-96), но Де Коло со успешни реализации го израмнуваше резултатот. Делаведова погоди само едно слободно фрлање за водство на „кенгурите“ од 99-98, Французите го имаа последниот напад, но Пети Милс им ја украде топката, по што Австралија славеше со конечни 100-98, по слободното фрлање со кое Крик стави печат на победата.

Пети Милс со 30 поени беше најефикасен во победничкиот состав, Инглс постигна 23, а Бејнс 21 поен. Во таборот на Франција најдобри поединци повторно беа Фурние со 31 и Де Коло со 26 постигнати поени.

Се вчитува...