КФСМ направи хаос со ваучерите: Бадел реагира и посочува бројни неправилности

Најтрофејниот женски кошаркарски колектив, КК Бадел, реагира на начинот на бодување и доделување на ваучерите за новата година. Според управата на „баделки“, комисијата во која членуваат два највисоки члена на раководството на КФСМ, директорот Гечевски и генералниот секретар Георгиевски, направиле низа превиди.

Поради тоа, управата на Бадел јавно побара повторно разгледување и бодување, како и инспекциски надзор од Агенцијата за Млади и Спорт.

Соопштението на КК Бадел го пренесуваме во целост:

„Почитувани,

Во оваа прилика сакаме јавно да споделиме бројни неправилности при рангирањето и поделбата на спортските ваучери, од страна на Комисијата за разгледување апликации за ваучери, во состав:

1.Владимир Георгиевски-генерален секретар
2.Тодор Гечевски – спортски директор и
3. Славјанка Ристановска

Доделени се 20 бодови на екипата на КК Крива Паланка за број на активни/регистрирани играчи. За да се добијат волку бодови треба да има повеќе од 100 регистрирани играчи, а согласно листите на регистрирани играчи објавени на веб страницата на КФСМ има вкупно 64 играчи,при што има и преклопувања на играчи кои настапуваат во две генерации. (тоа се 10 бода повеќе).

По овој основ на ЖКК Трокал доделени се 15 бодови, за што треба да има повеќе од 80 регистрирани играчи, а согласно листите на регистрирани играчи има вкупно 45, исто со бројни преклопувања, доделени повеќе 10 бодови по овој основ.

На екипата на КК Крива Паланка доделени 10 бодови за учество и остварен пласман од петто до десетто место на Европски првенства, купови и лиги во сениорска категорија, регионални првенства, купови, Балкански лиги во сениорска категорија, на вакви натпреварувања екипата на КК Крива Паланка нема учествувано.

По овој основ се доделени исто 10 бодови на КК Баскет Кам, која навистина учествува сеуште во Регионалната WABA лига, која се уште не е завршена и нема конечно рангирање во неа и од тие причини во наредната распределба на ваучери може да се доделат бодови при рангирањето.

Доделени 50 бодови на КК Крива Паланка, за учество во лигата со 100% домашни играчи, што не е точно, настапуваше Милена Марјановиќ од Србија и Марија Петровиќ од Црна гора и за што екипата требаше да добие 35 бодови, што значи доделени 15 бодови повеќе.

По овој основ и екипата на КК Шкупи има добиено 50 бодови, а во нивниот состав настапуваше кошаркарка од Косово, доделени 15 бодови повеќе.

Доделени 30 бодови по основ на Членови на спортскиот клуб, кои настапувале во националнитерепрезентации во последната натпреварувачка година, на екипата на КК Куманово, и покрај тоа што нема барем една сениорска репрезентативка како услов за добивање 30 бодови. Не само што нема не една сениорска репрезентативка, нема ни една воопшто во било која возрасна категорија, што значи доделени дури 30 бодови повеќе.

Ист е случајот со КК МЗТ Скопје од која екипа нема ниедна сениорска репрезентативка со настап за репрезентацијата, доделени повеќе 25 бодови по достапните информации има само една репрезентативка со настап во националната селекција под 20 години.

По овој основ доделени 10 бодови на КК Пробаскет од Кавадарци и покрај тоа што нема ни една репрезентативка од овој клуб со настап во било која национална селекција.

Доделени 64 бодови и ваучер во висина од 500.000,00 денари на екипата на КК Пантери и покрај тоа што во тековната натпреварувачка сезона не натпреварува во ни една лига во организација на КФСМ.

Со овие бројни нерегуларности кои ги посочивме, а убедени сме дека има и други, бараме да сте се стопира издавањето на ваучерите доделени на клубовите од женската кошарка, да се направи повторно рангирање и да се одстранат сите нерегуларности, при еваулацијата на барањата на ваучерите да биде присутен и претседателот на Здружението на Прва лига жени.

Агенцијата за млади и спорт да изврши инспекциски надзор врз работењето на Комисијата за разгледување на Барањата за доделување ваучери при КФСМ, и на крај Јавното обвинителство да покрене истрага по допрен глас, затоа што во овој случај има индиции за стекнување противправна финансиска корист, а сепак се рабори за буџетски средства, кои државата ги пренаменува во спортот.

Во иднина, да не се доделуваат ваучерите,пред разгледување на извештаите за наменско користење на финансиските средства од страна спортските субјекти за изминатиот период.

Се вчитува...