КФСМ со детали од Ревизорскиот извештај: Наумоски пари од федерацијата користел за приватни цели!?

Раководството на Кошаркарската федерација на С. Македонија (КФСМ) на денешната средба со медиумите информираше околу деталите од Ревизорскиот извештај за работата на федерацијата во 2018 година и дел од 2019 година.

Како што информираа од раководството на федерација побараната ревизија е со цел да се види состојбата пред нивното преземање на КФСМ, а не со цел за некакво обвинување на претходниците. Сепак, желбата е секој да ја знае „сметката“ за досегашната работа во федерацијата…

„Сакавме да знаеме на што сме. Меѓу другото ревиорите утврдија дека нема записници околу примопредавање на опремата односно белешки за магацинското работење.Има работи како фактура за сместување платена на адвокатска компанија, двапати платен семафор, итн. Исто така, при деталното разгледување на состојбата пронајдено е дека федерацијата во минатото плаќала и магацински простор, на поранешниот простор кој го користел претходниот претседател за приватни цели, во износ од околу 500-600 евра месечно. Во моментов не сме известиле државни органи за пропустите најдени во ревизијата, но тоа не значи дека во иднина тоа нема да се направи“ – истакна генералниот секретар Владимир Георгиевски.

Претседателот Перо Антиќ, пак, демантираше дека во касата на федерацијата се наследени 10 милиони денари на сметката.

„Не е вистина дека сме затекнале 10 милиони денари на сметка, но имавме сериозни проблеми околу кадровското екипирање. Секако, како ново раководство сакавме и нов тим во федерацијата но се соочивме со големи проблеми да ги разрешиме претходните од старото раководство. Тоа се однесува на поранешниот директор Владимир Темелковски, од кого деновиве добивме и тужба за да го вратиме на работа“ – информираше Антиќ за административните активности на федерацијата изминатиов период.

Се вчитува...