Кинезите „полудеа“, му нудат 8 милиони евра месечна плата на Меси

Кинескиот клуб Хебеи форчун се подготвува да направи „земјотрес“ во фудбалот, а нивното раководство собира средства да ја активира клаузулата на Лионел Меси вредна 650 милиони евра, и да му понуди месечна плата од 8 милиони евра на Аргентинецот.

Шпанскиот медиум „Мундо депортиво“ истакна дека истиот клуб се обидел да го купи Меси пред почетокот на оваа сезона нудејќи слична сума за примања, но Меси без размислување одбил и стави потпис на нова, долгогодишна соработка со каталонците.

Но, упорноста на Кинезите нема граници, тие се убедени дека би можеле да успеат да го доведат петкратниот освојувач на „Златната топка“, а имаат и стратегија како да го направат тоа. Наводно, покрај активирањето на клаузулата, кинескиот клуб планира да го искористи пријателството кое го има Меси со Маскерано и со Лавеци, репрезентативните соиграчи на суперѕвездата на Барселона, кои ќе бидат задолжени да го наговорат Меси да се пресели на далечниот Исток.

Колку и да звучи лудо, Кинезите по секоја цена сакаат да го видат најдобриот фудбалер во светот да заигра во нивната лига, иако реално многу е мала веројатноста дека Меси во скоро време ќе се откаже од каталонскиот клуб.

Се вчитува...