Херојот е Борко Ристовски: Барселона до 150 победи во низа во Шпанија

Барселона е на чекор до нова „перфектна сезона“ во АСОБАЛ-лигата откако каталонскиот гигант попладнево славеше на големото дерби, на гостински терен против Адемар Леон со 27-28.Адемар е убедливо втор на табелата, во пресрет на овој меч имаше перфектен скор на домашен терен, а во текот на сите 60 минути оваа екипа одлично му се спротивстави на шпанскиот ракометен џин. Со овој триумф, Барселона стигна до неверојатни 150 победи во низа во шпанските ракометни натпреварувања, најдобар можен доказ за доминацијата на каталонскиот гигант во АСОБАЛ-лигата, како и во куповите на оваа земја.

По првото полувреме се чинеше дека тимот на нашите Ристовски и Лазаров ќе има лесна задача, Барселона поведе со 11-15, но домаќините во финишот успеаја да се вратат и по голот за 27-28 се влезе во драматична завршница. Сепак, каталонците успеаја да одолеат на завршниот притисок и забележаа нова победа, па сега на Барса и недостигаат уште пет победи во преостанатите пет кола за нова перфектна сезона во шпанското ракометно друштво.

Борко Ристовски го заврши мечот со 10 интервенции, една од нив во самиот финиш при обидот на Хуанин во последните секунди, додека Кире Лазаров постигна два погодоци од шест обиди кон противничкиот гол.

Се вчитува...